САД: Македонија се „дави“ во корупција која е навлезена во сите пори на општеството

Македонија се „дави“ во корупција која е навлезена во сите пори на општеството. Американската амбасадорка Анџела Агелер на брифинг со новинарите уште еднаш јасно кажа – издвоивме речиси 500 милиони долари за владеење на правото, а гледаме  епидемија на корупција. 



Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, вели Агелер.

Агелер оценува дека во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата и вели дека црната листа на САД  на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите. Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка  е фактот што по секое објавено ново име на  „црната листа“, „никој во Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници“.

Таа рече и дека јуни годинава, кога САД го ставиле струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега, ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата.

Борбата против корупцијата и владеење на правото се во сржта на напредувањето на Македонија на патот кон Унијата, рече и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

  • Над се, тие се клучни за граѓаните. Патувајќи низ државата и среќавајќи се со граѓани гледам колку грижа има поради ова и колку сето тоа влијае на луѓето на секојдневна основа дали е тоа јавна услуга, дали е тоа школо – образование, здравствена услуга, работно место, животна средина или владеење. И отсуството на ефективен и независен систем на владеење на правото злоупотребите ги остава неказнети, правата не се почитувани, нееднаквоста расте, конкуренцијата за иновации застанува и најлошо од се’ граѓаните се се’ поцинични и поотпорни кон институциите и не гледаат можност за промена, нагласи Гир.