Името е ништо во споредба со суштината и идентитетот, а оние што тврдат дека името е целиот идентитет и дека Македонците немаат ништо освен името само потврдуваат дека не препознаваат ниту една доблест или културно-историска вредност, што стои зад името македонско, што македонската нација го изградила за седумдесет и кусур години од постоењето на нашата Република.
Професорот Мирослав Грчев во редовната колумна во „Слободен печат“ под заглавие “Ружата ќе мирисаше слатко и со друго име” се обидува низ стихови и тоа во традицијата на големиот Шекспир да им објасни на читателите дека промената на името на државата не е страшна бидејќи името на една држава, исто како и на некој цвет, е неважно, а единствено се битни внатрешните својства кои таа држава (или тој цвет н.з) ги поседува.
Во својот колумна професорот констатира дека за време на ВМРО-ДПМНЕ владеела „конструктивна“ тишина во врска со спорот за името, додека власата истовремено го поткопувала меѓународниот углед на земјата. Но еве, работите се промениле;
„Сега, кога се најде храбар човек да исчекори од дупката на националистичкото лудило, и да го вложи својот политички кредит во решавање на проблемот, се разбуди хорот на Вечни Македонци да се побуни против преговорите за името – истите Големи Македонци што во минатата деценија културно нè понижија повеќе од сите клети непријатели заедно, и го сведоа нашето идентитетско самоспознавање на „ерга гомнес“ – заклучува Грчев и потоа одненадеш се префрла во светот на шекспировите јунаци:
„А, да се читаше Шекспир во библиската земја, во најљубовната трагедија на сите времиња – Ромео и Јулија, ќе ги прочитаа Македонците моќните стихови во кои очајната Јулија ја разоткрива бесмисленоста на човечките надолничарски „традиции“. Приказната се вие околу љубовта на младиот пар, која е осудена на пропаст поради тоа што Јулија ѝ припаѓа на фамилијата Капулети, а Ромео на Монтеки, на две фамилии што се „по традиција“ непријатели. Јулија го преколнува Ромео (во мојот немушт превод):
„Твоето име е мојот душман Зашто ти си ти и без него. „Монтеки“ не е ни рака ниту нога ни лице ни тело ниту што и да е што мажот го има. Друго име за себе да земеш – името не е ништо! Тоа што го викаме ружа ќе мирисаше слатко и со друго име!“
И токму по овој своерачен превод Грчев ја објавува својата главна поента, повторно зборувајќи практично во името на Шекспир;
„Името на ружата, им вели Шекспир на Македонците, е ништо во споредба со нејзината суштина, со нејзиниот идентитет, што го чинат нејзините својства – нејзината форма, убавина и нејзиниот волшебен мирис. Така што, оние што ја застапуваат малоумната теза дека името е целиот идентитет и дека Македонците немаат ништо освен името… тие практично потврдуваат дека не препознаваат ниту една доблест или културно-историска вредност, што стои зад името македонско, што македонската нација го изградила за седумдесет и кусур години од постоењето на нашата Република. Ако името е сè, тогаш ние веќе сега немаме ништо – пишува Грчев.
Во понатамошниот текст тој носталгично потсетува дека македонската држава се родила и израснала во самостојна Република со ѕвездата петокрака на своето чело, а првото што сме го направиле по прогласувањето на независноста е менувањето на нашето родно и историско знаме за украдено, за потем меѓународната заедница да нè натера украденото да го вратиме и да донесеме ново.
„Потоа го унаказивме и државниот грб, искорнувајќи ја дивјачки петокраката и од него. Потоа почнавме да ги рушиме, крадеме и претопуваме бистите на единствените свети Македонци – со петокрака на челото – што ги положија своите животи во фундаментите на нашата сегашна држава. Потоа ги кренавме најголемите срам-споменици на светот, на местата на кои се очекува да стојат националните вредносни и идентитетски ориентири и така го помноживме нашиот дотогашен идентитет со нула. И, тоа не ни беше доста, па ги уништивме и архитектонските споменици на македонскиот модернизам – меѓународно признаени вредности на нашиот модерен идентитет, преливајќи ги со бела експандирана фекалија. И, не, и тоа не нè задоволи во надолничарењето, туку ги изгнасивме и творците на нашиот литературен јазик, поетите и писателите што ги напишаа најубавите и највредните македонски стихови и реченици. И, сега? Сега можеме само да заклучиме дека македонската ружа шири фекална реа до самото небо, но името нејзино – зад кое не оставивме ни грам културно-историска супстанца – ќе го чуваме до последната капка крв! Потоа ќе преминеме на шприцери“ – конечно во драмски стил завршува Грчев.





