„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја излажа јавноста за возилото на Панче Жежовски. Потврда за тоа е телеграмата од СВР Велес до сите секретаријати за внатрешни работи во Македонија.“ – реагира денес главната македонска опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, упатувајќи жестоки обвиненија кон министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ВМРО ДПМНЕ натаму во своето соопштение изнесува: Оливер Спасовски, треба да се засрами од своите лаги пред новинарите и пред македонската јавност кога излажа ладнокрвно во врска со возилото на убиениот Панче Жежовски. На 4 декември, кога Спасовски држеше заедничка прес конференција заедно со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче изјави: „Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации“.
Ова не е вистината. Вистината е дека во Министерството за внатрешни работи знаеле на 24 ноември дека возилото на сега убиениот, а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември, односно 5 дена пред убиството на Вања.
Како доказ за ова е телеграмата, испратена од СВР Велес до сите сите секретаријати за внатрешни работи на територијата на Македонија Во таа телеграма се нотира дека Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била грабната Вања, е пријавен како исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември. Полицијата по однос на овој случај презема акција дури 4 дена, откако е пријавено исчезнувањето, односно на 28 ноември. Тоа е датум кога е испратена оваа телеграма.
Ако се реагирало навреме, веќе на 24 ноември и ако била објавена централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена и немаше да се случи ова чудовишно злосторство. Оливер Спасовски да престане да се крие и да понесе одговорност, како врв на МВР. Нема да успеат да се амнестираат со криењето на овој податок од јавноста.





