Градоначалничката, Данела Арсовска, по обвинувањата дека главниот град ќе остане „тажен“ и ненакитен, објави дека Скопје ќе блесне за многу помалку пари од тоа што се трошело во претходните години и дека украсувањето е веќе во тек. Главниот град на Македонија ќе блесне во Новогодишната магија на 15 декември.
- – Не ја разбирам потребата, веројатно во недостаток на останати аргументи и оваа година во истиот период како на тајмер, партиските војници да констатираат дека „Скопје е тажно“ и дека „Скопје нема да се накити“ за време на Новогодишните празници, напиша меѓу другото Арсовска.

Дополнува дека, секоја година истите луѓе се демантирани. Не од нас, туку од граѓаните кои се фотографираат со Новогодишните украси во градот. За загрижените да информираме дека Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки.
Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра.

Додека повеќето градови од соседните земји, но и од земјава веќе од крајот на ноември се празнично украсени, Скопје сѐ уште е празно, а според многумина и тажно. Но, според најавите на надлежните нѐ делат само три дена до моментот кога амбиентот во градот ќе се промени.





