Грчкиот премиер Алексис Ципрас во денешното телевизиско обраќање до грчките граѓани соопшти дека е постигнат напредок во преговорите за името, но дека има многу до конечното решение кое, според него, би содржело сложено име за севкупна употреба.
Тој рече дека на разговорите со грчкиот политички врв истакнал дека македонската влада покажала волја да преговара за взаемно прифатливо решение на проблемот и ја отфрлила иредентистичката реторика на претходните влади.
“Постигнат е напредок, но има уште многу пат додека стигнеме до заеднички прифатливо сложено име со географска или временска одредница за севкупна употреба. И кога велам севкупна употреба, тоа значи и за меѓународна и за внатрешна употреба на името“ – рече Ципрас.
За Ципрас најавеното преименување на аеродромот и автопатот е симболичен потег кој не го решава проблемот, но потенцира дека нерешавањето ќе биде на штета и на Грција и на стабилноста на регионот.
Потсетувајќи дека не случајно повеќето членки на ООН ја признале соседната земја под уставното име, а Македонија е содржана и во привремената референца, Ципрас рече сега не е време за националистички изливи и фанатизам туку дека е потребна патриотска подготвеност да се постигне најдобро можно решение, за што пак, се нужни мудрост, одмереност и реализам.





