„Лидерот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи не ја исклучи можноста да избие меѓуетнички судир во земјата, предвидувајќи што би можело да се случи, ако не победи Европскиот фронт на изборите во 2024 година.“ – објави ТВ Клан Македонија. Тачи ова го изјавил во емисијата „Клан дебата“ на оваа телевизија на албански јазик.
ТВ Клан Македонија пишува: „Не сакам ни да помислам на тоа. Нашиот историски компромис на оваа политичка елита на Албанци, со сите добра и со сите зла, почнувајќи од претседателот на Косово Ибрахим Ругова до денес, беше направен само затоа што не убедија дека ќе бидеме конечно дел од западната цивилизација. Затоа ние ја спуштивме главата и ги прифаќаме овие компромиси и овие малтретирање, но во спротивен случај нема да има смисла.“ – рече Мендух Тачи.
Тачи, кој е дел од владината коалиција, е убеден дека Европскиот фронт ќе победи на изборите, а земјата ќе го продолжи проевропскиот пат. Тој верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните промени по изборните резултати. Лидерот на ДПА ја критикуваше реториката на првиот човек на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во последно време, за кого кажа дека го вратил речникот од 90-тите години од минатиот век. Според Тачи, Албанците ќе го осудат овој речник.
Запрашан дали ДПА и АА ќе бидат на заеднички листи со ДУИ, тој рече дека е рано да се конкретизира дали ќе бидат дел од оваа листа. „Јас сум за да се продолжи разговорот. Но, за да се дојде до коалиција има две суштински прашања: програмата и поделбата на интересите.“ одговори тој.





