За кои „фашистички ентитети што дејствуваат“ во македонската политика зборува Џабир Дерала?!

„Политичките партии со напредна, европска ориентација, имаат обврска да го излекуваат ова ‘општество со попреченост’, за да може секој во него да функционира. Да не кажам некој полош збор за тоа во какво општество живееме, како последица од дејствувањето на фашистичките ентитети во политиката. … Политичките партии веќе одамна водат предизборна кампања. Мицкоски ја почна истата вечер по претходните избори (се разбира, со својот мистериозен пристап – гласајте за мене, после ќе ви кажам зошто).“ – пишува Џабир Дерала, основачот и раководител на „организацијата за човекови права и слободи“ ЦИВИЛ – „Центар за слобода“, во својата колумна со наслов „Општеството да се справи со својата попреченост“, која ја објави весникот „Слободен печат“.   



Џабир Дерала е должен да уточни најконкретно: кои се тие „фашистички ентитети, кои дејствуваат во политиката“ и во што се состои „нивниот фашизам“, според него?! Нагласувајќи ги во својата колумна „предизборната кампања и мистериозниот пристап на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски“ и стаписувачката формулација „фашистички ентитети во политиката“, мисли ли тоа Дерала дека ВМРО ДПМНЕ е „ентитет што застапува фашизам во политиката“?! И дали можеби тоа поради спротивставувањето на промената на македонскиот Устав?!

Дали е воопшто свесен Дерала за тежината на неговото тврдење дека „дејствуваат фашистички ентитети“ во македонската политика и за одговорноста, која ќе треба да ја понесе, ако не докаже со аргументи и факти оти е точно ова што го кажува?! Уште повеќе, од каде му смелост да го навредува „целото општество“ во Македонија дека „боледува од попреченост“, која, ете треба да ја излекуваат „политичките партии со напредна, европска ориентација“, бездруго мислејќи во прв ред на СДСМ?!