Израелската армија откри голема мрежа на тунели во градот Газа и канцеларијата на лидерот на Хамас Јахја Синвар, под таканаречениот плоштад Палестина, изјави денеска портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари.
-На подрачјето на плоштадот Палестина, има канцеларија на Јахја Синвар, владини канцеларии, имот на високи функционери на Хамас, а има и мрежа на терористички тунели – рече Хагари, пренесе Тајмс оф Израел.
Хагари рече дека војниците, користејќи разузнавачки информации, лоцирале мрежа на „стратешки тунели“ во областа, за кои тој тврди дека се поврзани со болницата Шифа.
– Ова е областа на главниот команден центар, каде што беа високи членови на Хамас на 7 октомври и за време на борбите, а за време на конфликтот се преселија во други области – рече Хагари.
Тој додаде дека израелската Армија продолжува да ја истражува мрежата на тунели во областа.







