Ракометарите на Романија во јуни ќе ѝ бидат противник на репрезентацијата на Македонија во баражот за Светското првенство што ќе се одржи во 2019 година во Данска и во Германија.



„Црвено-жолтите“ ќе бидат домаќини на првиот натпревар на 8 јуни, а возвратниот е шест дена подоцна во Романија.

Двомечот го прави интересен проникнувањето на македонскиот и на романскиот машки ракомет по две основи: двете селекции ги водат шпански тренери – Раул Гонзалес е на клупата на Македонија, а Чави Пасквал на таа на Романија, а таму играа(т) повеќемина македонски репрезентативци – Никола Митревски и Велко Маркоски во Констанца, Гоце Георгиевски во Букурешт и Златко Даскаловски во Темишвар, додека во оваа земја имаат настапувано и Стојанче Стоилов, Гоце Ојлески и Филип Лазаров, како и ексрепрезентативците Бранислав Ангеловски, Горан Кузманоски, Лазо Мајнов, Мите Стоилов.

Романците беа светска велесила во машкиот ракомет, имаат дури шест медали од светските шампионати (четири злата и две бронзи) и четири од олимпијадите (едно сребро и три бронзи), но последниот голем успех им е бронзениот медал од СП во тогашна Чехословачка во далечната 1990 година. Последен пат на големите натпреварувања се појавија на СП 2011 во Шведска, каде што завршија на 19. место.

Во квалификациите за следниот мундијал беа победници на групата со Италија, Украина и Фарски Острови.

Другите двојки за баражот се: Србија – Португалија, Литванија – Исланд, Чешка – Русија, Словенија – Унгарија, Белорусија – Австрија, Хрватска – Црна Гора. Холандија ќе игра со поразениот од утрешното финале на ЕП меѓу Шведска и Шпанија, а Норвешка со Босна и Херцеговина или со Швајцарија, зависно од одлуката на ЕХФ.

26. СП ќе се одржи од 9 до 27 јануари 2019 година во данските градови Копенхаген и Хернинг и во германските Берлин, Келн, Минхен и Хамбург.

Покрај автоматското учество на соорганизаторите Данска и Германија, како и на бранителот на титулата Франција, низ континенталните првенства досега пласман обезбедија Ангола, Египет, Тунис, Бахреин, Катар, Саудиска Арабија и Јужна Кореја.