„Ситни политичари со ситни души секој ден продаваат ефтин и примитивен патриотизам и ги ‘штитат’ луѓето од така наречената бугаризација. Но тие водат политика заснована на вековни гробишта и се грижат повеќе за мртвите предци отколку за сегашните и идните живи. Се натпреваруваат кој ќе понуди повеќе минато, наместо иднина!“ – вели универзитетскиот професор Мерсел Билали во својата колумна со наслов „Лудачко танцување“, која ја објави информативниот портал „Либертас“.
Билали не наведува директно и јасно кои се тие „ситни политичари, што продаваат примитивен патриотизам“, но од контектот на неговите ставови сосема е сфатливо дека тој цели на политичарите од македонската опозиција, кои, според, него, спротивставувајќи се на внесувањето на Бугарите во Уставот и на бугаризирањето на македонската историја, наводно, „повеќе се грижеле за мртвите, одошто за живите“, „повеќе за минатото, одошто за иднината“.
Покрај другото, еве што пишува Мерсел Билали во својата колумна: Ситни политичари со ситни души секој ден продолжуваат со продажба на ефтин и примитивен патриотизам. Еве стасавме до пеколот. Потоа тој не напушти, оти сфати дека самите знаеме да го правиме пеколот. Додека самонаречената европска опција се „залагаше“ за Европа со видно антиевропски вредности, другата опција ги „штитеше“ луѓето од така наречената бугаризација со принудување да бараат бугарски пасоши.
Наместо да најдеме решение, што се бараше тогаш со некакви додавки, тогашното водство направи да станеме заложник на примитивен патриотизам и да загубиме многу години, многу луѓе и цела иднина. Да бевме паметни ќе станевме членка на ЕУ уште во 2004 година заедно со Словенија. Наредната шанса беше прокоцкана од Груевски, кој уфрли турбо фалс патриотизам од инает на Грција. Кога Бучковски беше премиер до 2006 година, тој видно ја смири топката со Грција со помош на САД, и сите параметри беа во насока дека Македонија ќе стане членка на ЕУ во 2010 година, но со привременото име „ПЈРМ“ за надворешна употреба. Ако не го сакате можното, ќе го добиете невозможното.
Сега, млади во цутот на животот ја напуштаат својата безнадежна „патриотска“ татковина, која повеќе се грижи за мртвите предци отколку за сегашните и идните живи. Тоа е политика заснована на вековни гробишта! Потоа криминалот и корупцијата ни станаа елитни вредности, а политичарите се натпреваруваат кој ќе понуди повеќе минато, наместо иднина! На државата не ѝ се потребни ниту лажен патриотизам, ниту лажни интеграции. Ќе продолжиме ли да танцуваме околу огинот на ѓаволот!?





