Во 92 годишна возраст почина Митко Куновски (1931 Дебар – 2023 Скопје).
Митко Куновски беше долгогодишен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Учествуваше речиси на сите изложби во организација на ДЛУМ.
Со самостојни изложби во странство и учество на изложби во Париз и во Софија, како дел од составот на македонски уметници, својот печат го остави и на меѓународната уметничка сцена.
Митко Куновски беше и автор на серии цртани емисии за деца што редовно беа и се уште се емитуваат на Македонската телевизија.
Д-р Васил Тоциновски на една од неговите последни изложби за него рече: Застанати пред сликите на Митко Куновски, пред неговите естетски вредности, се откриваат чудесните мигови на осама и копнеж, спокојство и исчекување. Дарбата на уметникот едноставно и мудро ги раздиплува тие мигови како магија од човековата опстојба. Жената како субјект и како возвишено битие е во стожерот, најчесто во големиот формат на сликата. Тој како симбол и метафора на недогледните и недофатени пространства на светот и на животот, ја спротивставува жената – човекот како нивна мисла и смисла. Внатрешниот свет од мекоста и мирот кои постојано зрачат и значат од душата и срцето, несетно се претопуваат и се изедначуваат со огромноста на просторот како нивна позлатена рамка. Во тие димензии Митко Куновски во тековите и резултатите на современото македонско сликарство еве и сега се потврдува со сопствениот сликарски ракопис и свет и низ нашата радост на нивното постојано, би рекле неуморно естетско надраснување.
,,Секоја слика на Митко Куновски е посебна приказна. Магијата на жената, светлината, светот и животот се искажуваат со раскошот на боите низ една смирена димензија, стишана импресија која го создава единството меѓу внатрешното и надворешното, меѓу личното и општото. Само навидум миговите на тага и исчекување веднаш упатуваат кон добрината, љубовта, разбирањето, довербата, кон древната поука за вредноста на еднаш и кратко дадениот човечки живот.
Во катадневието на овој испревртен и жесток живот, Куновски и неговите прекрасни уметнички дела не се само опомена за враќање кон вистинскиот живот и кон човекот, туку и повик низ личниот пример за само таквата наша опстојба. Застанати пред платната на Митко Куновски и негледајќи го потписот на авторската идентификација, точно знаеме дека тоа е само тој.
Светол нека му е патот кон во вечноста…”, стои во последниот поздрав до Куновски од членови на неговата фамилија.






