Соединетите Држави ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во петокот со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа, јави Си-Ен-Ен.
За да биде успешно изгласана, за неа требаше да гласаат девет од 15 членки без притоа да биде ставено вето. За резолуцијата гласале 13 земји, додека Соединетите Држави ставиле вето, а Велика Британија била воздржана.
Со нацрт – резолуцијата, претставена од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), бараше „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „итно и безусловно ослободување на сите заложници“ и „обезбедување хуманитарен пристап“.
Најмалку 97 други земји се приклучија во напорите, ко-спонзорирајќи го нацрт-законот подготвен од ОАЕ.
Гласањето дојде откако шефот на ОН Антонио Гутереш предупреди на висок ризик од колапс на системот за хуманитарна поддршка што може да доведе до страшни последици во зафатената енклава.
За време на дебатата, палестинскиот амбасадор ги наведе илјадниците убиени или повредени во нападот на Израел врз Газа, велејќи дека „доста е“, додека израелскиот пратеник рече дека прекинот на огнот само ќе ја продолжи војната и дека единствената опција за мир е да се елиминира Хамас.






