По средбата со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, лидерот на најголемата грчка опозициска партија денес отфрли можност да даде поддршка на идејата за формирање широк национален консензус околу прашањето за името на северниот сосед.



Кирјакос Мицотакис, напротив, упатил критики за начинот на кој Ципрас го води процесот и сметал дека Ципрас направил отстапки без конкретни и неповратни добивки, јави дописникот на МИА од Атина.

„Начинот на кој се развиваат преговорите предизвикува сериозна загриженост. Владата веќе направи отстапки без да добие конкретни и неповратни придобивки за нашата земја. Многу сериозниот пропуст на господинот Ципрас, директно и јавно да го постави прашањето за промена на Уставот на соседната земја, како неопходен предуслов за да постојат било какви преговори, ја ослаби националната линија. Фрагментација на решението на поединечни прашања не може да биде прифатена, затоа што директно ги поткопува интересите на Грција“, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Мицотакис сериозно го критикувал премиерот дека пред да ги започне разговорите не ги информирал ниту политичките партии, ниту Парламентот, ниту грчкиот народ. Тој оцени дека Ципрас во преговорите влегол без воопшто да обезбеди поддршка од неговиот коалиционен партнер, Независни Грци“ и дека ги поделил Грците.