Путин: Ќе се кандидирам за претседател

Владимир Путин денеска потврди дека ќе се кандидира за нов 6-годишен мандат на претседателските избори во март следната година.



Одлуката Путин ја соопшти во Кремљ откако на војниците кои се бореа во Украина им ја додели највисоката руска воена почест, златната ѕвезда на Херојот на Русија, пренесува ТАСС.

Горниот дом на рускиот парламент вчера гласаше за одредување на датумот на руските претседателски избори на 17 март 2024 година. Одлуката беше донесена едногласно со 162 гласа во Советот на Федерацијата.

„Со оваа одлука всушност ја започнуваме изборната кампања“, изјави Валентина Матвиенко, претседател на Советот на Федерацијата.

Таа најави дека за прв пат на изборите ќе гласаат жителите на делови од украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија.