Сојузот на средношколци предупредува дека учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена по последниот случај со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, ученичка во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската Општина Центар.
„Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан“, велат од Сојузот на средношколци додавајќи дека немаат достојни зборови за да ја опишат тагата и потресеноста за овој случај.
Оваа трагедија, нагласуваат од Сојузот, ќе ни служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност. Покрај чувството на небезбедност, ги потенцираат дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи.
„Нашата медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат. Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса“, велат од Сојузот на средношколци.






