На претседателските избори во Русија, закажани за 17 март следната година, право на глас ќе имаат жителите на областите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон во Украина, кои Москва минатата година објави дека станале дел од Руската федерација



Актуелниот претседател Владимир Путин допрва треба официјално да објави дали ќе се кандидира за реизбор среде војната во Украина, но неговото едногласно издигнување сигнализира како ќе оди неговиот реизбор.

Сега Путин има 71 година. Ако излезе на мартовските избори и ги добие, ќе остане на власт најмалку до 2030 година.

А потоа ќе има право на уште еден мандат од 6 години, бидејќи го преработи Уставот за да не му се бројат претходните мандати. Тоа значи дека тој ќе владее со Русија до 2036 година, т.е. до 83 години, освен ако природата не одлучи поинаку.

Рускиот претседател едноставно нема ривали. Повеќето од главните опозициски лидери како Алексеј Навални се затворени или живеат во егзил.

Засега се познати само двајца потенцијални противкандидати:
Борис Надеждин – поранешен заменик во долниот дом на рускиот парламент – Државната дума, моментално член на општинскиот совет во Московскиот регион.
Другата личност која ги најави своите претседателски амбиции е Екатерина Дунцова, независна новинарка и адвокатка, поранешен општински советник во регионот Твер.

Но, тие се малку познати на пошироката јавност и повеќе од очигледно е дека шансите им се илузорни.