Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, во својата најжестока јавна критика на израелското водење на војната против Хамас во јужна Газа, рече дека постои јаз меѓу декларираните намери на владата да ги заштити цивилите и – (бројот на) жртвите.
„…речиси една недела од оваа кампања на југ… останува императив Израел да даде приоритет на цивилната заштита“, рече Блинкен на прес-конференција по средбата со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон вчера во Вашингтон.
„И навистина останува јазот помеѓу… намерата да се заштитат цивилите и вистинските резултати што ги гледаме на теренот“.
Израел вели дека мора да ја уништи милитантната група Хамас откако го нападна Израел пред два месеци и прави се што може за да ги извади цивилите од опасност, вклучително и предупредувања за воени операции.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја истакнал критичната потреба да се заштитат цивилите и да се одвои цивилното население од Хамас, вклучително и преку коридори кои им овозможуваат на луѓето безбедно да се движат од одредени воени зони, соопшти Белата куќа.
Повеќе од 17.170 Палестинци се убиени, а 46.000 се ранети, според Министерството за здравство на Газа кое е под контрола на Хамас.
Израелската армија во петокот соопшти дека 92 нејзини војници биле убиени во борбите во Газа од почетокот на копнените упади на 20 октомври.
Стотици Палестинци беа убиени вчера додека Израел се бореше против милитантите на Хамас во најголемите градови во Појасот Газа – дури 350 луѓе, според портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф Ал-Кидра.
Израел соопшти дека неговите сили убиле голем број вооружени лица во Кан Јунис, вклучително и двајца кои излегле пукајќи од тунел.






