„Политика, која не слуша и не гледа што говори и што мисли народот и која упорно продолжува со моронската ароганција, нема зошто да се чуди кога ќе биде понижена и испратена во политичко ‘прогонство’ по изборите. Казната од народот е неминовен производ на таквото однесување. Моронската ароганција во комбинација со неспособноста и глупоста е погубната формула на власта за нејзиното политичко самоубиство и абдицирање на изборите во 2024 година. На задоволство на мнозинството народ во Македонија.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Арогантна власт како една голема шега, на која никој веќе не се смее“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, натаму Јанкуловски пишува: Смачено ми е од арогантните и дрски политичари и посакувам како многумина во државава да замолчат, бидејќи прават повеќе штета отколку корист кога отвораат уста. Нашата власт упорно продолжува да не ја согледува сопствената моронска ароганција, која народот не ја прифаќа и која стана една од многуте блокади на државата. Сегашниве политички лидери се доживуваат како неменливи и мислат дека ароганцијата ќе ги направи да изгледаат моќно и успешно, но забораваат дека таа ќе ја распарчи земјата, ако не се преземе соодветна акција во вистинско време.
Ароганцијата на неспособни политичари на власта е отровна за државата и мора да падне. Не случајно велат дека ароганцијата во политиката е предвесник на падот на една власт. Колку побргу ќе падне, толку подобро ќе биде за државата. Моронската ароганција, во комбинација со финансиски скандали, корупција, самобогатење на елитата и избор на неетички кандидати за политички позиции, со години ја намалува популарноста на владејачката партија кај нас. Таа е неспособна да го согледа тоа.
Затоа, кога политичките лидери продолжуваат да не се приспособуваат на промените, кои вклучуваат чувствителност на потребите и идеите на другите луѓе, тогаш нужно е нивно отстранување од власта. Како што сѐ поизгледно ќе се случи во скоро време со оваа власт. Доста трпевме власт со такво однесување. Власта со својата политичка глупост нѐ турна во монументалните проблеми што ги создаде за државата и граѓаните.
Ароганцијата на оваа власт е близнак на глупоста и таа ја заслепи да ги види реалноста и нејзиниот неминовен политички пад. Таа е толку заљубена во себе, што го изгуби контактот со народот и со причините, поради кои е избрана. Можеби затоа продолжува да ги игра своите детински игри на моќ, во целосна изолација од народот и довчерашните поддржувачи.





