Призна ли премиерот дека македонските тајни служби следат моќна амбасада на членка на НАТО и ЕУ

Призна ли премиерот Ковачевски дека македонските тајни служби следат моќна амбасада на членка на НАТО и ЕУ.



Според изјавата на Ковачевски во интервју за 360 Степени во кое се зборува за осомничениот убиец Љупчо Палевски Палчо, македонски служби за безбедност следеле луѓе кои влегувале во амбасадата на Република Франција.

Тој вели дека лично го прашал најмоќниот човек во Европа францускиот претседател Емануел Макрон зошто во француската амбасада во Скопје влегуваат луѓе за кои тој тврди дека шират хистерија, работат за странски агентури и против институциите на државата.

,,Јас го имам прашано претседателот на Франција, Макрон – дали знае во неговата амбасада во Скопје, какви луѓе се примаат на разговори”, вели Ковачевски во интервјуто.

Откако уредникот на 360° Васко Поппетревски прашува ,,На кого алудирате, кого примаат таму на гости?”, премиерот продолжува во истиот контекст:
,,Мора еднаш истражните и правосудните органи во оваа држава да ги идентификуваат сите коишто работат против интересите на државата и на институциите на државата, коишто се под влијание на странски агентури, кои шират хистерија и коишто прават сè, оваа држава да не може да продолжи во нормален евроинтеграциски процес”.

Ковачевски потоа избегнува да одговори на дополнителни потпрашања дали кога зборува за екс-лидер на ЛДП кој влегувал во француската амбасада мисли на актуелниот амбасадор на земјава во Словенија, Горан Милевски, и за тоа кои луѓе оделе на гости во француската амбасада во Скопје. Меѓу овие луѓе за кои зборува Ковачевски е и генерален секретар на Демократски сојуз Зоран Димитровски.

Изјавата на Ковачевски е еден од најголемите гафови на било кој премиер на независна Македонија.

Со изјавата практично Ковачевски објавува дипломатска војна на моќната Франција на која и кажува кои луѓе треба да ги прима во своето дипломатско претставништво во Скопје.

Сите детали овде