Котлар: МАКЕДОНСКИОТ светител Свети Климент Охридски е заштитник на македонскиот народ, значаен за неговиот духовен и културно-историски идентитет!

„Свети Климент Охридски е за нас, Македонците, значаен светителски и народен заштитник, духовна и историска личност, важна за македонскиот духовен и културно-историски идентитет!“објави на својот фејсбук-профил д-р Наташа Котлар, универзитетска професорка од Институтот за национална историја од Скопје, по повод денешниот црковно-национален и државен празник на Македонија и македонскиот народ, посветен на големиот македонски и сесловенски просветител Свети Климент Охридски Чудотворец, кој се празнува на 8 декември секоја година.



Во објавата натаму Котлар истакнува: Мисијата на Свети Климент Охридски Чудотворец на македонска почва, особено изразена преку Охридската книжевна школа и глаголичното писмо, предизвикала силна културна и духовна мобилизација на македонското население. Културното соперништво меѓу Охрид и Преслав мошне илустративно е прикажано во делото на анонимниот автор Црноризец Храбар „За буквите“, каде што тој во исклучително остар полемичен тон се истапува во одбрана на глаголицата во Македонија како изворна кирилометодиевска традиција.

Климентовата дејност поттикнала стремежи за независно политичко, религиско и културно претставување на пошироките интереси во рамките на Македонија како обединувачки етнички и географски именител. Затоа ние, Македонците, го чествуваме Свети Климент Охридски Чудотворец самостојно, ненаметливо и достоинствено! Нека е за многу години!