Владата на вчерашната седница го разгледала и утврдила текстот на Предлог законот за помилување, предложен од Министерството за правда.
Причините за донесување нов Закон за помилување, според предлагачот, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување.
„Со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.
А, една од најзначајните измени во законот е тоа дека претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.
Исто така се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени“, соопштуваат од владината прес-служба.






