Адвокатот Васко Стојков, кој го превезе со автомобил до Белград Љупчо Палевски, првоосомничен за организирање и извршување на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, приведен е вечерва, откако попладнето беше повикан на распит во полициска станица.
Обвинителството утре ќе одлучува дали ќе побара притвор и за него.
Стојков пред неколку дена изјави дека тој со неговото возило го однел Палевски во Белград на лекарски преглед и истиот ден се вратил во Македонија, тврдејќи дека не знаел оти неговиот клиент извршил двојно убиство.
„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и рече, ако е сè во ред, ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече дека ќе одел во Истанбул. Кога се вратив, полицијата праваше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“, изјави адвокатот за Телма завчера ден откога го префрлил Палевски во главниот град на Србија.





