Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја откажа он-лајн средбата со американските конгресмени поради несогласување околу идното американско финансирање за неговата земја.
Тој требаше он-лајн да се обрати во Сенатот и Претставничкиот дом вчлера но тоа беше откажано во последен момент.
Шефот на канцеларијата на Зеленски, Андриј Јермак, претходно изјави дека постои „голем ризик“ од пораз на Украина доколку нема континуирана поддршка од САД.
„Ќе биде тешко да се задржат истите позиции и ќе биде навистина тешко за луѓето да преживеат“, додаде тој во говорот во Американскиот институт за мир во Вашингтон.
Мрачната проценка на Јермак дојде само неколку часа пред Зеленски да се повлече од закажаната видео конференција со американски сенатори за да ги информира за воените напори.
Сето ова се случува по обновениот притисок од Белата куќа за дополнителна поддршка на Украина. Меѓутоа, американскиот Конгрес сè уште не е блиску до договор за компромисен пакет трошоци за да помогне во финансирањето на воените напори.
„Ни снема пари – и ни истекува времето“, напиша директорката за буџет на Белата куќа Шаланда Јанг во писмото до републиканските и демократските лидери објавено во понеделникот.
Таа предупреди дека неуспехот на Конгресот да одобри дополнителна воена помош за Украина пред крајот на годината ќе ја осакати нацијата во нејзината борба против Русија и дека повеќе нема „волшебно тенџере со финансирање“ од кое може да се црпи помош.
Но, во понеделникот, републиканскиот претседател на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, ги отфрли најновите барања за обезбедување дополнителни десетици милијарди долари.






