IN MEMORIAM: Замина тивката Македонка што одбележа две епохи

Завчера на 3-ти декември на 95 годишна возраст почина Галена Куцуловска, жена која ја создаваше и ја регистрираше македонската историја.



Галена е родум од Галичник, каде го поминала детството, а на што посебно се гордееше и со љубов се сеќаваше. Целиот свој работен век го поминала во Музејот на Македонија, како историчар, музеолог и кустос, информираат нејзини блиски.

Врв на нејзината научно истражувачка дејност во делот на историјата е нејзината соработка со академик генерал Михајло Апостолски, тогашен претседател на МАНУ.

Од таа блиска соработка се произлезени бројни дела, книги, реферати, трудови и соопштенија , во врска НОБ, АСНОМ, како и нивната поврзаност со идеалите на Илинденското востание.

Постојаната поставка во музејот на АСНОМ (Прохор Пчински, па потоа Пелинце) е исто така дело на Галена Куцуловска.

Нејзината работа во делот на историјата, ги сочувува од заборав настаните од Народно Ослободителната Борба, како и антифашистичкото партизанско движење кое доведе до формирање на независна Македонија, во рамки на Федеративна Народна Република Југославија.

Галена и во своите пензионерски денови будно ја следеше политичката сцена и од се срце се залагаше за независноста на Македонија и за посебноста на Македонскиот народ.

Куцуловска зад себе остави бројни книги, но и жив ракопис кој на своите потомци го остави како аманет да го соберат, средат и објават.

За своето дело и работа, Куцуловска беше добитник на Св. Климентова награда, како и корисник на национална пензија.

Нека и е вечен и светол споменот 🖤