Преродување на национализмот и популизмот, политички турбуленции, нова криза во македонско-албанските односи и СДСМ без албански гласови.
Ова според политичкиот аналитичар Сашо Орданоски се можните реперкусии од евентуалниот неуспех на процесот за решавање на проблемот со името кој Грција го има со нашето име.
Во својата редовна колумна на Цивил.мк Орданоски резонира дека „процесот се движи во „позитивна насока, на што упатуваат сите коментари и одгласи од таа средба“.
Како доказ за продлабочувањето на односите ја наведува и синхронизација на постапките на Атина и Скопје како „дипломатски и политички дострел сам по себе, со оглед на 27-годишното искуство на меѓусебни препки, подметнувања, дистрибуирани шпекулации и озборувања чии извори, често, се наоѓаа во врвовите на властите во нашите две држави“.
Но, иако очекува конечно решение на крајот на патот, познатиот новинар се обидува да ги предвиди сите последици од пропаста на преговорите, доколку такво нешто сепак се случи.
Како прва жртва на неуспехот ја наведува понатамошната бесмисленост на преговорите во познатиот формат, а и самиот олеснувач Метју Нимиц ќе мора да си поднесе оставка. Тоа пак, според Орданоски, ќе предизвика потреба од ново дефинирање на процесот во рамките на ООН и, можеби, нов олеснувач, па и со променет мандат во тој процес – а можеби и не, бидејќи Македонија ќе треба да ги одмери своите натамошни потези во ООН, низ правните и политичките опции што ѝ стојат на располагање.
Но последиците на внатрешен план би биле повеќе од катастрофални;
„Евентуалниот неуспех неминовно ќе ја втурне македонската политика во „освежен“ бран на национализам и популизам, од сите страни. Власта на СДСМ тешко спроведува реформи дури и кога се поддржани од „космодискот“ на евро-атлантските интегративни перспективи; ако реалноста на тие перспективи се доведе во прашање со неповолен развој на решавањето на спорот со Грција, тогаш Заев и неговите не ќе имаат каде, туку да „удрат“ на „високите ноти“ на идентитетско-колективистичките флоскули, како проверен „ер-бег“ во судир со непријатната реалност. Во оваа смисла, за ВМРО-ДПМНЕ и разните националистички распаленковци и тапчовци на маргините од нивната идеологија не треба ништо дополнително ни да се елаборира. Во едно такво „сценарио“, предизвиците што ќе се обноват во внатрешно-политичките македонско-албански односи се добро познати и лесно предвидливи. Сепак, најнејасно е каква ќе биде моќта на СДСМ за привлекување на албански етнички гласови веќе на следните парламентарни избори – а со неповолен тек на околностите, таа вонредна проверка на расположението на гласачите можеби ќе стане неминовна веќе оваа, а не следната, 2019 година, заедно со редовните претседателски избори“ – пишува Орданоски.





