Јорго Економу, претседател на атинскиот огранок на Американски хеленски институт (АХИ) од Вашингтон, во својот коментар за грчкиот весник „Катимерини“ вели дека не е потребен референдум за името во Македонија, залагајќи се проблемот да биде решен само преку преговори.
„Уште една голема пречка е јавно искажаната намера на Владата во Скопје да го стави договорот на референдум. Во таков случај Атина би требало да објави дека Грција исто така ќе го тестира предложениот договор на сличен начин. Референдумите треба да се избегнат, бидејќи тие сами ги комплицираат работите. Проблемот би требало да се реши само со преговори“, смета тој.
Според Економу, на Грција во моментов ѝ одговара да постои тампон-држава на нејзините граници, критикувајќи ги „парохијалните краткотрајни политички партии и политичари, главно од (грчка) Македонија“ за најавата дека нема да гласаат за композитно име што ќе го содржи зборот „Македонија“.
„Ваквиот развој го загрозува можниот компромис ќе има сериозни негативни последици за Грција, не само поради тоа што сите нејзини сојузници, вклучувајќи ги и САД, го поддржуваат таквиот договор, туку и, објективно гледано, во интерес на Грција е да има мала ‘тампон држава’ во оваа специфична точка. Можен договор со ПЈРМ ќе создаде услови за Грција, со соодветни политики, да стане природен лидер на Балканот“, заклучува тој во коментарот насловен „Посетата на Ердоган и други главоболки“.





