Писателот и сценарист Божидар Божиновски не може да се изначуди за најавата за заедничка прес-конференција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски претпладнево, а не уште вечерва, кога МВР излезе со соопштение за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
„Правите пресови за пуштање на селски чешми, во маркет со 30 сниматели одите да видите дали јајцата се поевтинети 2 денари, не можеме од пред камера да ве тргнеме. Сега, кога навистина се потребни и објаснувања, и одговори, и кога се зборува сѐ и сешто, ве нема! Што? Ќе спиете вечер? Ќе се одморите за утре за прес? Народот око не може да склопи од тага!“, коментира Божиновски на Фејсбук.
И во претходна објава на социјалната мрежа тој го распна министерството на Спасовски за информирањето на јавноста за двете злосторства преку соопштение.
„МВР со Фејсбук пост и соопштение објави ваква трагична и болна информација. Непрофесионално, недостоинствено кон жртвите и семејството и неодговорно кон јавноста. Потоа не барајте да не се шират шпекулации (како што се шират) кога не информирате онаму каде што очите на цел народ се вперени на ваква трагедија“, напиша Божиновски.






