Покрај Македонија, и Бугарија ќе купува борбени возила „страјкер“ од САД

Три години по Македонија, и Бугарија реши да ја модернизира својата армија со оклопни возила „страјкер“ од американско производство.



Проценетите трошоци на проектот вклучуваат 1,21 милијарди долари за набавка на 198 „страјкери“, 65 милиони долари за артилерија и мало вооружување и 101 милион долари за противтенковски ракети „џавелин“, пишува бугарски „Софија глоуб“.

Министерот за одбрана Тодор Тагарев изјави дека бугарските копнени сили чекале на нова опрема 35 години.

Првата испорака на возилата се очекува во третиот квартал на 2025 година, а набавката на муниција ќе биде предмет на дополнителни договори во рамките на американската програма за меѓународна воена продажба.

За ратификација на договорот гласаа 148 пратеници од редовите на ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ и Движењето за права и слободи, додека 53 од редовите на Преродба, Бугарската социјалистичка партија и ИТН гласаа против, а останатите беа воздржани.

За споредба, Македонија нарача 54 „страјкери“ за 210 милиони долари. Во зделката вклучени се и 50 калибарски митралези М2А1, лансери за чадни гранати М6 и придружни резервни делови, радија од типот „Харис“, заедничка станица за далечинско управување со оружје (CROWS), напреден GPS приемник, уред за визуелно засилување што би го користеле возачите на овие возила, резервни делови, специјални алати и опрема за тестирање.