Дачиќ: Без лекции молам, три четвртини од земјите членки не би го поминале тестот кој нам ни го поставуваат

Замолувам да не ни се држат лекции од страна, бидејќи сите земји членки на Европската Унија сега да треба да поминат низ она што поминуваме сите ние тука за да влеземе во Унијата, тогаш три четвртини од земјите не би го поминале тестот, порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.



Тој во своето обраќање за време на потпишувањето на декларација за борба против корупција во рамки на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, рече дека не постои борба против корупцијата без полиција, правосудство и обвинителство.

 

 

-Она што мене малку ме нервира во сето ова е дека ние самите за себе велиме дека сме шампиони, а всушност не сме. Шампионите се таму каде што има пари, каде што има моќ и влијание, таму каде што корупцијата се спроведува во форма на закон. Да се земе провизија на Запад е легално, а кај нас е корупција. Жал ми е што и тие не се тука на потпишувањето на декларацијата, бидејќи први треба да ја потпишат, рече Дачиќ.

Според Дачиќ, борбата против корупцијата и организираниот криминал не може без целосната координирана акција и меѓународна соработка.

-Не се тука сите земји од нашиот регион. Мислам дека тие се повеќе во корупција од нас. Ние тука можеме само да дадеме одредена политичка поддршка, додаде Дачиќ.