Инфлацијата во Еврозоната во ноември падна на 2,4%, ама затоа кај нас на големо им ги јаде парите на граѓаните

Инфлацијата во еврозоната падна повеќе од очекуваното во ноември, приближувајќи се до целта од два отсто, поттикнувајќи ги надежите на инвеститорите дека Европската централна банка ќе ги намали каматните стапки порано отколку што наведоа нејзините официјални лица.



Потрошувачките цени во ноември во еврозоната пораснале за 2,4 отсто во однос на истиот месец минатата година, што е помалку од 2,9 отсто во октомври и помалку од проценките на економистите, пренесува Блумберг. Ценовните притисоци продолжија да се намалуваат во речиси сите категории, останувајќи на најниско ниво во последните две години.

Цените во еврозоната паднаа во ноември за 0,5 отсто на месечно ниво, наспроти растот од 0,1 отсто, кој беше регистриран во октомври. Базичната инфлација беше -0,6 отсто месечно, во споредба со забрзувањето од 0,2 отсто во октомври, покажуваат податоците на Евростат.

Падот на инфлацијата ги поттикна инвеститорите да ги наведат своите очекувања за тоа кога ЕЦБ би можела да започне со намалување на каматните стапки, посочувајќи дека тоа би можело да започне веќе во април. Еврото продолжи да слабее по објавувањето на податоците, тргувајќи се за 0,5 отсто пониско во однос на доларот или до 1.092 долари, пишува Фајненшл тајмс.

Пред една година инфлацијата сè уште беше на двоцифрено ниво. И додека падот на инфлацијата не е исто што и всушност падот на цените, процесот на дезинфлација е извонреден. Во ноември, исто како и во претходните месеци, главните двигатели на падот на стапките на инфлација беа поволните базни ефекти во речиси сите сектори на економијата, како и всушност падот на цените на енергијата и намалувањето на цените на услугите за одмор, забава и угостителство. Единствениот загрижувачки развој на настаните е месечното поскапување на храната.

Инаку, трошоците за живот се зголемени за 18,7%, според податоците на Државниот завод за статистика, а храната е поскапена за 30 проценти. Владата донесе мерка за ранливите категории граѓани, но инфлацијата веќе ги изеде парите кои граѓаните треба да ги добијат како помош. Од Владата кажаа дека помошта може да биде поголема, но посочува дека со новата мерка се опфатени голем број граѓани.