
Од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) денеска соопштија дека најавената лидерска средба на премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски со сите претседатели на парламентарните политички партии ќе се одржи в понеделник во 12 часот.
„Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот. Средбата во понеделеник, 4 декември 2023 година ќе биде во 12.00 часот“, наведоа во соопштение од СДСМ.
Нивното соопштение следува откако денеска од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека од медиумите дознале оти Ковачевски закажува лидерска за в понеделник и оти за нив е прифатлива средба во тој ден но, како што наведоа, после 11 часот бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ утрото има часови со студенти на Машинскиот факултет.
– Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички оремиер од ДУИ – посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.





