Светот го движат идеите. Големите и малите идеи. Неверојатните и спектакуларни концепти, но и едноставните решенија за баналните проблеми на секојдневието.
Идејата е почетокот на секоја акција. Таа е мајка на секое решение. Никулец на секој успех.
Идеите ги раѓаат љубопитството, копнежот, сомневањето во догмите, отпорот кон лажните авторитети. Тие бликаат кога умот се отвора и кога погледот се крева и се простира отаде меѓата.
И кога ќе ни дојдат, за да нѐ променат нас, а потоа и светот, потребно е да им посветиме љубов, страст и борба, да им принесеме жртви и да работиме напорно, а најмногу тогаш кога е тешко и кога ќе се посомневаме во смислата на нашите потфати.

Како се убедивме дека топлата вода е измислена
Досега не кажав ништо ново. Ништо што веќе не сте го слушнале. На секој чекор читате и слушате вакви „мотивациски“ мудролии. А веројатно среќавате и луѓе кои токму на овој начин постигнале нешто во животот и ги оствариле своите цели.
Сигурен сум дека и меѓу вас има токму такви луѓе.
Па зошто тогаш Македонија тоне во оваа трагична безидејност?
Затоа што сме медиокритети. И конформисти. Идеите, посебно оние што ги предизвикуваат научените догми и обрасци на поведение, нѐ вознемируваат. Нѐ прават несигурни. И си велиме – што ќе ни е сега сето тоа?
Ние повозрасните, генерациите израснати во социјализмот и во едноумието, бевме воспитувани да веруваме во одложена среќа. Да веруваме дека сето добро што треба да ни се случи, сигурно ќе ни се случи, бидејќи веќе е смислено и испроектирано, но ќе се случи малку подоцна – откако ќе ги поразиме непријателите на системот, граѓанската десница, догматската левица, национализмот итн.
Помладите од нас, генерациите израснати во транзицијата и во безумието на војните, беа воспитувани да веруваат дека среќата не живее тука, туку во еден свет на друго место, но дека среќата сепак ни е достапна, бидејќи кога ќе се реформираме, ќе се кандидираме да му пристапиме на тој свет, ќе се понижиме ако треба и ќе се жртвуваме, ќе преговараме и потоа ќе станеме дел од него.
Двете големи историски заблуди ја исклучуваа потребата да размислуваме за тоа што да направиме самите за себе. Бидејќи верувавме дека ионака сѐ е измислено.
Една од нашите омилени поговорки од поновата генерација, преземена од кој знае која исто толку медиокритетска средина, гласи вака – не треба да измислуваме топла вода.
И затоа сега и нашите деца ги учиме да не измислуваат топла вода. А тие веројатно мислат дека топлата вода во чешмите доаѓа од некој посебен дарежлив извор и дека парите што ги трошат некој им ги подарува на нивните мајки и татковци, или дека растат на дрво. А кога ќе се соочат со тажната реалност, нормално, сфаќаат дека нивната среќа не мора да биде одложена и ако веќе таа живее на друго место, тие ќе заминат таму, да ја сретнат.
А ние не можеме ништо против тоа, бидејќи тие имаат право да бидат среќни. Дури и во тие нивни недојдии каде што заминуваат…
Пари има колку сакаш
Патем, кога ќе прошетаме низ комшилукот и кога ќе видиме дека на некои други луѓе, некогаш исти како нас, некако сепак им успева да ги развиваат своите идеи и да направат нешта што нам ни изгледаат вистински чуда, тогаш пак си наоѓаме оправдување за нивната среќа и за нашата безидејност. Велиме: е, тие имаат пари. А ние немаме. И си се убедуваме дека тука лежи проблемот.
И потоа, кога некој ќе објави дека за некаков нов, девети по ред – уау! – пакет антикризни мерки, чија цел е главно да се поткупат 300.000 пензионери, 200.000 луѓе што живеат на државни јасли и уште една армија млади луѓе и такви кои безобразно ги нарекуваме „социјално ранливи лица“, ќе бидат потрошени 660 милиони евра, ретко кој прашува од каде се тие пари.
Од каде бе, кога немало пари?
Од каде им се тие пари за поткуп на секторот што стариот добар Маркс го беше нарекол „општествена надградба“? Од нашата „општествена база“ ли? Од нејакото стопанство? Од секторот што произведува реални производи, услуги, добра?
Не верувам, толкави пари реалниот сектор нема. Не, државата ќе позајми пари, а идните генерации ќе ги враќаат долговите. Како што сега ние враќаме нечии стари долгови. Пари во светот има и секогаш имало, за секој што е спремен да заложи противвредност како гаранција. А кога државата се заложува себеси, својот имот, своите граѓани и нивната иднина, пари има колку сакаш.
Со таква хипотека, секоја будала може да позајми пари.
Значи, не е до парите. Пари има. И нема да снема.
До нас е. До нашата безидејност. До нашиот упорен отпор кон идеите и кон обидот на многу луѓе својата и нашата иднина да ги обликуваат реализирајќи ги своите идеи. Кои мора да се смели. Понекогаш малку и луди. Бидејќи на луѓето им се случува да посакаат да го сменат и светот. Откако прво ќе се променат себеси.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:
Ќорото пиле нема идеја како да прогледа, чека Господ да му направи седало





