Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски има само еден услов за лидерската средба која за в понеделник ја најави премиерот Ковачевски преку медиумите без да има било каква координација или договор со опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека за средбата в понеделник поврзана со изборите дознале од медиумите а не како претходно од комуникација со СДСМ.
Од таму велат дека таквата комуникација преку медиуми за толку важни прашања е негов личен избор.
За ВМРО-ДПМНЕ лидерска средба е прифатлива за во понеделник, а на неа се очекува да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички оремиер од ДУИ.
Поради тоа што премиерот се одлучил за комуникација преку медиуми, од ВМРО-ДПМНЕ замолуваат средбата да биде по 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО ДПМНЕ до тогаш има часови со студенти на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор, се вели во брифингот од ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата се очекува да бидат присутни сите лидери на парламентарните партии.






