Во дворот на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски на Попова Шапка одново е вратено знамето на Македонската православна црква-ОА откако две лица го симнале и на негово место прексиноќа кренаа албанско знаме, објави „Слободен печат“
Од надзорните камери јасно се гледа како едно лице од јарболот поставен на црковен имот го симнува знамето, а потоа го поставува знамето на Албанија. Во негова придружба е уште едно лице, а и двајцата носат облека со реквизити на навивачката група Балисти од Тетово.
По другото лице се уште се трага.
По инцидендот во црковниот двор токму на денот на знамето на Албанија веднаш се огласи претседателот на Комсијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски. Тој обвини дека самиот чин има за цел предизвикување омраза и раздор и побара сторителите да бидат најстрого санкционирани.
„Најостра осуда за вандалскиот упад во манастирот Св. Наум на Попова Шапка и симнувањето на знамето на Македонската православна црква- Охридска архиепископија. Апелирам до СВР Тетово и Јавното обвинителство веднаш да преземат сеопфатни мерки за откривање на сторителите. Елементите на кривичното дело од чл.319 на Кривичниот законик, Предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа, како и кривичното дело од чл.145 на Кривичниот законик, Неповредливост на домот, мора да повлечат одговорност. Сторителите мора да бидат најстрого санкционирани. Вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество, порача Сотировски преку социјалните мрежи.







