Цела ноќ се санирале дефекти. Екипите на ЕВН се борат со исклучително лоши временски и теренски услови

Во исклучително лоши теренски и временски услови екипите на електродистрибуција од цела Македонија цела ноќ санираа дефекти. Од компанијата соопштуваат дека „тие сè уште работат на отстранување на вчерашните и новонастанатите дефекти од утринава“.
„Оваа кризна состојба налага соодветна реакција од нашата компанија и затоа во вакви услови се користат апсолутно сите мобилни екипи на располагање.
ЕВН воедно вложува енормни напори да се отстранат и дефектите кои се појавија во непристапни места, каде што екипите на Електродистрибуција физички не може да стигнат поради лошите теренски услови“, велат од ЕВН
Од таму додаваат дека обилните врнежи од снег предизвикале голем број дефекти на среднонапонска и нисконапонска мрежа. Жители од повеќе населени места останаа без снабдување со електрична енергија.