Ах, тој пуст ПР, оѓин да го изгоре.
Ова е краткиот статус на денот кој го објавува аналитичарот и новинар Ивор Мицковски кој коментира фотографија на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од посета на Битола.

На фотографијата Спасовски слуша рапорт од полицаец додека стои на улица која речиси се распаѓа а тој е на чекор од локва со вода.
,,Со посебно задоволство денеска, со моите колеги од различни ресори во Владата, сме на посета во Битола за да направиме увид на сите реализирани, тековни и отпочнати проекти во градот.
Полициската станица во Битола пред 4 години го доби новиот лик, како една од станиците кои уште во 2019 година беа опфатени со активностите од Стратешкиот план на МВР за динамично подобрување на стандардите на работењето на полициските служби, што ги започнавме во 2017 година. За нејзината реконструкција беа инвестирани над 7 милиони денари од Буџетот на МВР.
Во рамки на подрачјето што го опфаќа Секторот за внатрешни работи Битола, во 2021 година имавме вистинска градежна експанзија со наша инвестиција од 38 милиони денари, кога беа реконструирани уште четири полициски објекти во надлежност на СВР Битола, и тоа на: ОВР Прилеп, ОВР Ресен, ОВР Крушево и Полициското одделение Кривогаштани, во кои покрај другото комплетно е сменета дограмата, изработени се нови фасада, поставена е изолација и сл”, објавува Спасовски кој се смета за најсериозен кандидат за претседател на државата и на СДСМ.
Спасовски веќе неколку месеци води сериозна лична кампања во јавноста.





