Со интонирање на државната химна, секој понеделник ќе започнува наставата во сите училишта и на територијата на Општина Македонска Каменица.
Одлуката е донесена едногласно на вечерашната 32. седница на општинскиот Совет, а по иницијатива од градоначалникот Димчо Атанасовски.
„Станува збор за иницијатива преку која во иднина и на територијата на Општина Македонска Каменица ќе се изразува почит кон татковината, со цел подигање на националното чувство и на љубовта на дечињата кон Македонија, кон македонската култура и традиција“, го објасни Атанасовски следењето на примерот од општините Аеродром, Гази Баба, Карпош, Кочани.
Според одлуката, државната химна на Македонија ќе биде интонирана секој понеделник пред почетокот на наставата во Средното општинско училиште „Миле Јаневски Цингар“ и во Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, како и во подрачните училишта на целата територија на општината чие знаме го содржи Сонцето од Кутлеш.






