Нацевски: Криејќи го делото за Мијалков, судијата Беџети исто како да криел дома ајдук од висок калибар, по кого е распишана потерница!

„Еден судија, апелациски, не судија на меѓуселски фудбалски натпревар, кој шест месеци криел (доцнел) судски предмет за тежок криминален престап, со намера предметот да застари, за да му го спаси задникот на  обвинетиот, добил ‘драконска’ казна: намалена плата за дваесет проценти за шест месеци, играјќи ја детската игра со судскиот предмет, позната како криенка.“вели новинарот Бошко Нацевски во реакцијата на својот фејсбук-профил со наслов „Слонот во судот“, откако беше обелоденето дека судијата Енвер Беџети од Апелацискиот суд Скопје 9 месеци го чувал  и не го ставал во постапка за одлучување предметот „Тврдина-Таргет” во врска со масовното незаконско прислушување, во којшто поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков првостепено беше осуден на 12 години затвор.



Судијата Беџети го чувал овој предмет од многу висок јавен интерес во фиока, за да застари и да се создадат услови за негово затворање. Беџети е „казнет“ дисциплински со намалување на платата од 20 отсто во период од 6 месеци.

Новинарот Нацевски пишува: „Оваа стара детска игра е позната како мижитатара во некои делови на Македонија. Таа е сега во мода, како омилена забава кај  судската, обвинителската и адвокатската фела. Да сокриваш во фиока такво судско дело мене ми заличува на  престап: како да криеш во визбата на својот дом ајдук од висок калибар, по кого е распишана меѓународна потерница. За таков чин, изречена е казна колку еден кафеански бакшиш.

„А бре, господо, што сте се намерачиле да ги прегледувате со месеци ‘белите мантили’ во Онкологија. Играте со нас толку провидна валкана демагогија. Трошите време низ лавиринтите на проблемите да бркате зајчиња, а не го гледате слонот, што ни ја сурниса на дното правдата и вербата во судот! Еден ден неговото копито ќе ви стапне на вратот и вам, функционери!