Судијка тврди дека не е избрана во Апелација бидејќи е Македонка

Судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд бара Здружението на судии во земјава да излезе со јавна реакција во врска со тоа што Судскиот совет не ја испочитувал ранг-листата при изборот на судии во скопскиот Апелациски суд – пренесе Плусинфо.



Ристова, која беше треторангирана на конечната ранг-листа за избор на апелациски судии од кривичната област, не го доби потребното мнозинство од членовите на Судскиот совет и не беше избрана за апелациски судија. На гласањето доби осум гласа „за“, но не го доби потребното Бадентерово мнозинство, каде што двајца гласаа „за“, а тројца членови на Советот беа „против“.

Таа тврди дека Судскиот совет не ја почитувал ранг-листата и ги прескокнал повисоко рангираните кандидати без притоа соодветно да го образложи таквиот потег. Таа оцени дека изборот на судиите е скандалозен, а оти Судскиот совет мора да се распушти и реформира.

Дополнително, Ристова најави дека одлуката на Советот ќе ја обжали пред Врховниот суд по неколку основи, меѓу другото, и по основа на дискриминација по етничка припадност.

Таа јавно го повикува Здружението на судии да реагира на оваа неправилност.

„Имајќи ги предвид целите и задачите на Здружението на судии, и тоа унапредување и јакнење на независноста и самостојноста на судиите и судската власт во Република Северна Македонија, заштита на достоинството и угледот на судијата и судиската функција и јакнење на судиската етика, како член на Здружението и делегат избран од Основниот кривичен суд Скопје предлагам да излезете со ваша реакција по повод изборот на судии во Апелационен суд Скопје“, се вели во барањето на Ристова.