Пишува: Свето Тоевски
„Да живее нашиот албански јазик! Да живее и јазикот на нашите македонски сограѓани! Ние не стоиме зад вас, туку покрај вас, за вашиот мајчин јазик, македонскиот! Да ги унапредиме јазиците заедно!” – извика лидерот на ДУИ Али Ахмети на Денот на нивната албанска азбука, 22 ноември, во стилот на „Господар на Македонија“ и „гарант на македонскиот јазик“ на своите „македонски сограѓани“.
Тој уште и се смилостиви претходно кажаното да го изнесе на македонски јазик. Веднаш по ова Димитар Ковачевски, „петиот заменик“ на „албанскиот премиер“ Артан Груби и Стево Пендаровски, (не)претседателот на „нашата држава“, во која живее обезимениот „стока“-народ, се “отепаа од среќа“, поради „гаранциите“ на Ахмети дека „ќе го развива“ и „ќе го унапредува“ македонскиот јазик.
Али Ахмети го злоупотреби македонскиот јазик, заради предизборните потреби на ДУИ. Тој даде „согласност“ „да живее“ македонскиот јазик, за да видело македонското гласачко тело како „хармонично“ функционира „бракот“ меѓу ДУИ и СДСМ.
„Да живее македонскиот јазик!“ наспроти „црвени линии“ и „да умре македонскиот јазик“
Но, Али Ахмети своите вистински позиции околу македонскиот јазик и за своите „македонски сограѓани“ ги кажа многу повистинито на 15 ноември годинава пред шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаин, кога дословно „ги нагласи повторно ‘црвените линии’ на ДУИ“: „Тоа се Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија и признавањето на независноста на Косово“!
Македонскиот јазик не постои според ниедна основа согласно со Преспанскиот и Бугарскиот договор, па овие „две црвени добрососедски линии“ покажуваат дека лидерот на ДУИ сам на себе си противречи кога извикува „Да живее македонскиот јазик“ и „Да го унапредиме македонскиот јазик“! Бидејќи, од друга страна Преспанскиот и Бугарскиот договор гласно извикуваат „Да умре македонскиот јазик“, а Ахмети не им дозволува на Македонците да ги минат овие двете „црвени линии“ и да ги чепнат двата „добрососедски“ договора.
Еден од главните основоположници на автентичниот македонизам Крсте Мисирков јасно подвлече во својата монументална студија „За македонцките работи“ дека македонскиот јазик е душата на македонскиот народ. Токму затоа ќе мора македонскиот народ сам да се погрижи да живее неговиот македонски јазик, неговата душа, а не други да му го „гарантираат“ тоа на нивен „начин“. Со насилничкото и забрзано создавање на „северномакедонскиот јазик“ му се вади македонската душа на македонскиот народ, му се вградува „северномакедонска душа“, за да стане „северномакедонски народ“.
Оттука, без никакво премислување, без никакви пролонгирања, македонската партија, која цели да победи на претстојните парламентарни избори, ќе мора да го има како еден од своите главни приоритети едностраното поништување на Бугарскиот и Преспанскиот договор и нивно заменување со еднострана иницијативна Декларација во македонскиот парламент со предлог и понуда во прв ред до Грција и Бугарија за градење вистински добрососедски односи, засновани врз признавање и почитување на македонскиот идентитет. Во овие рамки спаѓа и обврската за распуштање на злогласната „Македонско-бугарска историска комисија“ и уништување на сите сегашни учебници по историја со сите фалсификати на македонската историја внесени во нив.
Професорот и експерт по меѓународно право д-р Игор Јанев јасно укажа на Виенската конвенција како основа за едностраното раскинување на двата (не)добрососедски договора. Ако идната Влада на Македонија не го стори ова, тогаш „северномакедонската“ идентитетска катастрофа на македонскиот народ најверојатно ќе стане многудецениски, ако не и траен печат и жиг врз душата и идентитетот на македонскиот народ.
Вредна идеја за „македонско-бугарско помирување преку литературата“ – ако се најде јунак на пишаниот збор среде Софија да ја каже барем буквата „М“, не мора и зборот „Македонец“!
Македонската и германска писателка Кица Колбе вчера преку своја колумна под наслов „Кога литературата би помирувала – Македонија и Бугарија“, објавена на интернет-порталот на Дојче веле на македонски јазик, изнесе вредна идеја за „помирување на македонскиот и бугарскиот народ преку литературата“. Таа повика „реномирани писатели и издавачи од Бугарија да ‘лобираат’ за претставување на македонската литература во ЕУ“, со што „среде ЕУ ќе сведочат дека не се согласуваат со нејзината политика кон македонскиот јазик“. „Ако би имале храброст да го сторат тоа, тие бугарски писатели, заедно со своите македонски колеги, би го отвориле вистинскиот пат за помирувањето на народите преку литературата.“ – поентираше Колбе во својата колумна. Но, дали ќе се најде јунак на пишаниот збор што ќе се осмели среде Софија да ја каже барем буквата „М“, не мора и зборовите „Македонец“, „македонски јазик“?!
Во 2024 година ќе се случат американските претседателски избори и изборите за Европскиот парламент, кога според многу предзнаци во голема мера ќе се промени геополитичката слика во светот и во Европа. Претстојните тектонски промени отвораат сериозни можности во променета меѓународна клима да биде извршено еднострано поништување на Бугарскиот и Преспанскиот договор и да се преземат активности за одбрана на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Токму тие претстојни тектонски геополитички промени се дел од главните причини за брзањето да се заврши со внесувањето на „бугарскиот државотворен и конститутивен народ во Македонија“ во Уставот, по што би уследила „тебе-мене“ распределбата на територијата на сегашна Република Македонија. Но, геополитичкиот земјотрес веќе започнува во политичка Европа: европскиот скептик и екстремен десничар Герт Вилдерс, основач и лидер на Партијата на слободата убедливо победи на изборите во Холандија. Сега тој ќе треба да ја составува нејзината Влада.
Европската Унија ги гази македонскиот и другите национални идентитети – отсега предводниците на новиот „бран“ ќе ја газат и ќе ја растураат ЕУ!
„На демократијата ѝ требаат национална држава и национален идентитет, ѝ треба национален суверенитет. Вие самите треба да бидете одговорни за својата сопствена врата, за своите државни граници.“ – овие зборови на Герт Вилдерс ги цитира денес, на 24 ноември 2023 година „Фајненшел тајм“ во својата анализа со наслов „Герт Вилдерс: антиисламскиот лидер ветува дека ќе ги ‘стави Холанѓаните на прво место“. „Вилдерс аргументира дека се донесени премногу закони во Брисел и се залага за референдум за напуштање на ЕУ, но со примена на моделот на Норвешка: со останување на единствениот европски пазар.“ – дополнува „Фајненшел тајмс“ во својата анализа.
Во својот научен труд со наслов „Холандската ѕвезда на знамето на Европа: персонализација на националниот идентитет во политиката на Герт Вилдерс“ (2020 година: стр.277) професорите Гастон Франсен и Јан Рок од Одделот за холандски студии на Универзитетот во Амстердам, во Холандија, уште пред 3 години нагласија: „На 20 мај 2014 година Вилдерс го изнесе својот познат став против ЕУ со отсекувањето на ‘холандската’ ѕвезда од европското знаме на плоштадот Луксембург во Брисел. Вилдерс најави дека ѕвездата треба да му се врати на холандскиот народ, промовирајќи го „Негзит“ – целосно повлекување на Холандија од ‘чудовиштето’ ЕУ. Мислејќи на Холандија, со отсечената ѕвезда во рацете, тој заклучи: ‘Ова никогаш нема да го вратат во Брисел“.
Сепак, нападите врз исламот и нагласената поддршка за Русија и Владимир Путин се две карактеристики на политиката на Герт Вилдерс и на неговата Партија за слободата, поради кои тој наидува не само на поддршка, туку и на остри критики и спротивставувања, така што идната македонска надворешна политика ќе мора да ги зема предвид и спротивставувањата кон ваквите ставови на новиот „холандски бран“ во ЕУ… Порастот на популарноста на десничарските лидери во Европа ќе доведе до промени во општата политика на Европската Унија, што ќе треба да биде силен сигнал за новата Влада на Македонија по изборите во 2024 година соодветно да изврши темелни промени во внатрешната и надворешната политика на Македонија.
Во колумната изнесувам ставови како научен истражувач и политички аналитичар, произлезени од објективна квалитативна политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со уредувачка политика на ниеден медиум, ниту со позиции на ниедна политичка партија во Македонија.





