Лошата живеачка, недовербата во институциите на државата е клучната причина за иселувањето на огромен број македонски граѓани во странство. Дополнителен проблем, кој го продлабочува претходниот, е што одговорните преземаат мерки што се неефективни и не даваат резултати да ја променат ваквата состојба, при што состојбата уште повеќе се влошува.

Проценките се дека повеќе од 77.000 млади луѓе од Македонија заминале во странство последните години, објави Фактор. За шест проценти се намалил бројот на младите меѓу двата пописа од 2002 до 2021 година. Граѓаните велат дека многу работи треба да се сменат во државата за да се вратат oние кои се иселиле. Засега тоа сценарио им изгледа како невозможна мисија.
„Тоа многу тешко ќе се оствари. Луѓето се навикнуваат на поубав живот, на повеќе пари. Јас не познавам луѓе кои се отселиле, потоа да се вратат, освен оние кои веќе влегле во пензија и доаѓаат тука за да уживаат со тие пензии“, рече Снежана Мирчевска, граѓанка.

Според граѓаните, потребни се повеќе работни места и поголеми плати.
„Тешко, освен ако се променат многу работи во државата, да се донесат инвестиции, да се зголемат платите, да се направат патишта, да се подобри стандардот“, вели Зорица Марковска, граѓанка.
Не само младите, туку и повозрасните не гледаат светла иднина овде.





