„Македонскиот и бугарскиот се словенски јазици и би било логично, во духот на европското пријателство, на патот на Македонија кон ЕУ бугарски писатели и издавачи да ‘лобираат’ за претставување на македонската литература во ЕУ. На тој начин тие би сведочеле среде ЕУ дека не се согласуваат со односот на официјалната бугарска политика кон македонскиот јазик. Ако би имале храброст да го сторат тоа, тие бугарски писатели, заедно со своите македонски колеги, би го отвориле вистинскиот пат за помирувањето на народите преку литературата.“ – вели македонската и германска писателка и филозоф Кица Колбе во својата колумна со наслов „Кога литературата би помирувала – Македонија и Бугарија““, која ја пренесе весникот „Слободен печат“.
Литературата како излез од ќорсокакот – бугарските писатели можат да го сторат тоа, што не го може политиката
Покрај другото, Колбе пишува: Македонскиот и бугарскиот се словенски јазици и би било логично, во духот на европското пријателство, на патот на Македонија кон ЕУ Бугарија да „лобира“ за претставувањето на македонската литература во ЕУ. Бугарскиот политички врв веќе го положи во архивата на ЕУ „своето“ гледиште за македонскиот јазик, кое е далеку од духот на европската поддршка.
Меѓутоа, тоа што не може да го стори политиката, може да го сторат угледните бугарски писателки, писатели и издавачи. Тие би можеле поуспешно од политиката да „лобираат“ за некое идно претставување на македонската литература на Саемот во Лајпциг. На пример, тоа би можеле да го сторат сите бугарски писателки и писатели, кои се веќе преведени на македонски јазик. Тие со своите дела веќе помагаат да се изградат мостови меѓу Македонците и Бугарите.
Кога тие, заедно со своите бугарски издавачи, би им предложиле на надлежните за Саемот на книгата во Лајпциг, на пример, во 2027-та „Гастланд“ („Земја-домаќин“) да биде Македонија и нејзината литература, тогаш тој чин би бил европски во најдобрата смисла.
Со добро организиран настап, во што би можеле на македонските издавачи да им помогнат бугарските колеги, македонските писателки и писатели би сведочеле многу посилно за посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот национален идентитет на литературната сцена во ЕУ. Кога во тоа би биле помогнати од угледни бугарски писателки и писатели, тоа би била вистинска победа на современиот демократски европски дух над анахрониот балкански дух на националниот и културен империјализам.
Потребни се храбри автори
Со тоа бугарските писатели и издавачи би сведочеле среде ЕУ дека не се согласуваат со односот на официјалната бугарска политика кон македонскиот јазик. Ако би имале храброст да го сторат тоа, тие бугарски писатели, заедно со своите македонски колеги, би го отвориле вистинскиот пат за помирувањето на народите преку литературата. За тоа се потребни храбри луѓе, храбри авторки и автори, кои се уверени во силата на литературата, која стои над сите политики и граници.
Со оглед на војните инспирирани од национален и културен империјализам, не е ли крајно време токму писателите и издавачите во балканските земји–членки на ЕУ да се оддалечат од стремежите во политиката во своите земји, постапувајќи кон своите колеги во соседната земја во духот на солидарноста на творците? Писателите се од еден род, независно во кој народ се родени. Нивниот род е родот на словото и на слободата.





