Ќе поскапи ли струјата ? ЕВН Хоме ќе ја прави пресметката за малите потрошувачи,а Регулаторна ќе го има последниот збор

Регулаторната комисија за енергетика сепак ќе го има последниот збор за струјата. ЕВН Хоум ќе ги прави пресметките за тоа колку ќе плаќаат граѓаните, но пред да е конечна одлуката , РКЕ ќе има право да интервенира ако се утврди дека пресметките не се точни.
Од ЕВН Хоум објаснуваат дека тие ќе ја пресметуваат цената исклучиво за малите потрошувачи и домаќинства, а РКЕ ќе мора да ги утврди цените и тарифите за останатите трошоци вклучително и профитната маржа.
– Пред да се примени цената, ЕВН Хоме е должна да ги достави до РКЕ на контрола сите податоци и информации кои се употребени во пресметката, како и драфт пресметките за цените. ЕВН Хоме како Универзален снабдувач отсега ќе биде одговорна за пресметка на цената на електричната енергија исклучиво за категориите мали потрошувачи и домаќинства. РКЕ ќе ги одредува цените и тарифите за останатите, односно за пренос (МЕПСО), дистрибуција (Електродистрибуција) и за операторот на пазарот на електрична енергија (МЕМО), велат од ЕВН .
Министерот за економија тврди дека ова нема да донесе поголеми сметки за електрична енергија , а од идната година ќе има нов Универзален снабдувач .
– Никако нема да има повисока цена на струјата, имајќи предвид дека тоа е предвидено со Законот за енергетика. РКЕ согласно став 5 од членот 10 ќе има право да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба. Со последните измени на Законот за енергетика граѓаните знаат дека воведовме универзален снабдувач на кој рокот му истекува наредната година, а постапката за избор на нов е почната, додаде Бектеши.