За секоја форма или манифестација на омраза, нетрпеливост и агресија кон бугарската држава, ќе им биде одземено бугарското државјанство на лица кои по пат на натурализација станале бугарски државјани.
„Натурализација врз основа на која е добиено бугарско државјанство може да биде откажана, ако лицето систематски и намерно го поткопува престижот на Република Бугарија, бугарските институции и националните интереси преку говор на омраза или извршило дејство од омраза против бугарската држава, нејзините граѓани и/или бугарските заедници во странство”.
Вака гласи предложениот нов став 5 кон членот 22 во Законот за измени и дополнување на Законот за бугарско државјанство, што го предлага бугарското Министерство за надворешни работи предводено од вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, пренесува Дојче веле.
„Целта на законскиот проект е да се создаде можност за откажување на натурализацијата во случај на намерни антибугарски манифестации од страна на лице кое се стекнало со бугарско државјанство”, се вели во Извештајот што го испратила до Владата
Според податоците на бугарското Министерство за правда од 2001 до 2022 година врз основа на бугарско потекло бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а 99.340 од нив веќе го добиле.
Покрај ова, за оние кои во иднина ќе добијат бугарско државјанство, се предлага уверенијата да им бидат доделувани на посебна церемонија.
„Свеченото доставување на уверенијата дополнително ќе даде тежина на овој чин, кој исто така е израз на значењето што бугарската држава го придава на оваа важна промена во животниот и правниот статус на лицата“, образложила Марија Габриел.







