Мемети: Во случај да се блокира ЕУ-патот на Р*М, ниедна албанска партија не треба да влезе во идната Влада, ако ја формира ВМРО ДПМНЕ!

„Ако се блокира евроинтегративниот процес на * Македонија, тогаш ќе биде потребна силна и заедничка декларација на сите албански партии дека ниедна од нив нема да прифати да биде дел од идната Влада, во случај да ја формира ВМРО ДПМНЕ. Нека ја формираат следната Влада само СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, без партиите на Албанците, за да им се симне еднаш засекогаш маската пред граѓаните во државата и пред меѓународниот фактор. Но, потоа може да се отворат други теми, од кои Албанците нема да бидат губитници во никој случај.“ – вели политичкиот аналитичар од Тетово Абдула Мемети во својата колумна со наслов „Зачленувањето на * Македонија во ЕУ и албанскиот политички чинител“, која ја објавија информативната агенција „Журнал“ и други медиуми на албански јазик во Македонија



Мемети пишува: Отстранувањето на пречките и отворањето на патот за членство на * Македонија во Европската Унија зависи главно од албанскиот политички фактор, ако не биде фатен од српско-великорускиот пајак. Интеграцијата на земјата во ЕУ зависи од определбата на лидерите на албанските партии, но и од стратегијата на СДСМ, ако навистина искрено работат за оваа кауза, како што изјавуваат.

Не знам точно за што разговараат претставниците на меѓународните институции со локалниот политички чинител и лидерите на сегашната власт во Скопје, но точно знам дека овие разговори се одвиваат со стратегија поинаква од онаа,  што се објавува во јавноста. Не верувам дека претставниците на меѓународните институции не знаат оти клучот за откочување на интегративниот процес на оваа земја во ЕУ го имаат исклучиво лидерите на албанските партии, и оние во власта и оние во опозицијата.

Ако нема таен договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за блокирање на евроинтеграцискиот процес, за да се купи време во поглед на тоа што ќе се случува на меѓународната сцена во наредните месеци, тогаш би била доволна силна и заедничка декларација на политичките партии на Албанците дека под какви било околности, ако се блокира патот на земјата кон ЕУ, ниедна од нив нема да прифати да биде дел од идната Влада, во случај да биде формирана од ВМРО ДПМНЕ со другите малцински партии во коалицијата, ако добие таков мандат по следните парламентарни избори.

Не се искрени ниту лидерите на СДСМ ниту на ДУИ во изјавите за отворање на патот за влез на * Македонија во ЕУ. Ова особено се однесува на партиите на Албанците во опозицијата, кои, за да дојдат на власт, се подготвени да ја запалат секоја можност на оваа држава да оди напред, без да размислат дека еден ден земјата може да остане без жители и без гласачи, поради денешните политичари-идиоти, кои немаат стратегија, визија и основно познавање на политичките околности во меѓународната арена.

Сета оваа забуна може многу лесно да се реши, ако има добра волја меѓу партиите и разбирање од неалбанскиот политички фактор, со организирање заедничка средба на лидерите на албанските партии и потпишување изјава со сериозни ставови, кои ќе бидат упатени до домашната јавност, институциите на власта во Скопје и меѓународните институции. Следната Влада нека ја формираат само СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, без партиите на Албанците, и тогаш ќе биде добро еднаш засекогаш да им се симне маската пред граѓаните во државата и пред меѓународниот фактор. Но, потоа може да се отворат други теми, од кои Албанците нема да бидат губитници во никој случај.

Сторете го тоа денес, утре ќе биде можеби предоцна!