Сметките за струја растат, оти радијаторите се млаки – реагираат граѓаните кои ги дозатоплуваат домовите

„ЕСМ топлина“ си игра топло – ладно со граѓаните. Млаки па дури и ладни радијатори, но и загревање кое почнува премногу доцна, после седум или после седумипол часот наутро, објави Фактор. Ова се најчестите поплаки од граѓаните кои пристигнаа во нашата редакција. Според жители на населбата Кисела Вода, како и Скопјанка и Ново Лисиче испораката на топлинска енергија е минимална, поради што становите остануваат ладни. Дополнително укажуваат дека радијаторите се стоплуваат многу доцна, после седум часот, па дури и после седумипол часот наутро, а тогаш веќе сите заминуваат во училиште или на работа па загревањето не им е треба.



  • Очекувано беше да бидат радијаторите млаки, како и секоја година кога надвор е потопло. Сепак, годинава делуваат уште поладни од претходните години, па дополнителен проблем е што наутро мора да вклучиме клими бидејќи станот е ладен, а радијаторите почнуваат да се затоплуваат дури после седум часот, понекогаш дури и кога децата излегуваат за во училиште се уште немаме греење. Парното ни е потребно баш за тој период од денот, наутро, пред да излеземе за на работа или за во училиште, да е топло да се спремиме на раат. Вака мора да затоплуваме, кај даваме многу пари за загревање, плус пари и за струја – вели една скопјанка од Кисела Вода.

Сепак, тие не се единствените, со ист проблем се соочуваат и жителите на Аеродром. Жителка на наслебата Скопјанка вели одсекогаш го имаат проблемот со доцното загревање на домовите. Смета дека радијаторите треба да се загреваат многу порано.

Со сличен проблем се јави и жител на Ново Лисиче, кој пак потенцираше дека секоја година има разни дефекти во системот за испорака на енергија во нивната зграда, иако како што ни кажа е нова, честопати дел од становите се без греење.

  • Не само што се млаки радијаторите, се случува секоја година дефект, па немаат дел од становите греење, а дур дојдат екипите за проверка, па друга екипа за поправка поминува и цела недела. Па мораме да грееме дополнително, што се дополнителни трошоци. А тој период додека некој нема енергија, сметките не се намалени, на никого – посочува нашиот соговорник.

Од ЕСМ Снабдување со топлина, компанија која е под капата на ЕСМ и која е надлежна за затоплување на домовите на Скопјани, за Фактор потенцираат оти испораката на толинска енергија преку системот за централно греење се одвива во согласност со одредбите од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и Правилата за снабдување со топлинска енергија одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

  • – Овие подзаконски акти ја регулираат оваа проблематика и ги дефинираат условите и начинот на испорака на толинската енергија до крајните потрошувачи. Согласно регулативата, снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи е поврзано со висината на надворешната темература во различни периоди од грејната сезона во различни периоди од денот, при што како релевантни, се земаат податоците за надворешна температура од Управата за Хидрометеоролошки работи на Македонија – велат од ЕСМ Снабдување.