Пред нас е тешка борба против „Северномакедонски“ и “Северномакедонци“

„Претседателката Фон дер Лајен утре ќе биде во Скопје на средба со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во северномакедонскиот Парламент на свечената седница во 13 часот“, најави Европската комисија во јули минатата година.



„Сакам да им се заблагодарам на Северномакедонците за нивниот напредок“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференцијата по минатогодишниот Самит на ЕУ во Брисел.

Северномакедонските партии протестирале против Францускиот предлог кој е голем успех за бугарската влада“, изјави поранешниот бугарски премиер Кирил Петков во јуни минатата година.

Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, изјави преклани државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш.

Во еден од огласите за вработување објавени од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е ангажиран од Владата за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д е наведено: „Имаме потреба од лице ангажирано за односи со јавноста, кандидатот да има познавање на северномакедонски мајчин јазик“.

Ова е само мал дел од мноштвото намерни и ненамерни „лапсузи“ што ги направија видни и невидни политичари, бизнисмени, спортски коментатори, блогери, па и институции, од самиот момент на потпишување на Преспанскиот договор и носењето на одлуката за воведување на придавката „северна“ во името на државата.

Повеќе од очигледно е дека новиот „северномакедонски“ идентитет, за жал, станува реалност бидејќи сите го поврзуваат со новото име на државата, а овдешните официјални власти како веќе да кренаа раце и ретко, па дури и воопшто не реагираат на секојдневните „лапсуси“ или провокации коишто доаѓаат од страна.

Но, има ли воопшто начин како да се спречи општата прифатеност на придавката „северномакедонски“? Може ли оваа придавка да ни се одомаќини и во сопствениот јазик и секојдневие? Како да му кажеме на Французинот, Германецот или на Швеѓанецот, на пример, дека нашата држава официјално се вика Северна Македонија, ама дека ние сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик, но и дека придавката „северномакедонски“ е на исто рамниште со пцовка?!

Плусинфо на оваа тема разговараше со истакнати домашни писатели, лингвисти и преведувачи. Сите до еден, вината ја префрлаат на македонските политичари и институции, најмногу врз Министерството за надворешни работи (МНР), кое треба постојано да реагира на ваквите погрешни употреби на придавката „северномакедонски“.

Тие предлагаат да се формира тело во рамките на МНР, кое би работело според определени механизми во насока на информирање на странската и на домашната јавност за неисправноста на зборот „северномакедонски“. Ова тело би реагирало и на инцидентите со „северномакедонски“ и во самата Македонија, а би било и одговорно за водење некој вид регистар на вакви „инциденти“ и за повремено објавување извештаи кои би содржеле статистики за бројот на инциденти и на реакции: за тоа колку од нив доаѓаат од друга земја, а колку однатре; потоа и за „сторителот“ на инцидентот (медиум, политичар, организација, итн.), како и други категоризации.

Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/mora-da-se-borime-protiv-pridavkata-severnomakedonski-i-protiv-imenkata-severnomakedonci-zoshto-spie-nashata-diplomati-a/