Ризаов: На будалите, што велат „НЕ“ за „Бугари во Устав“ и ЕУ, отпосле им текнува дека таа со НАТО им ги штити државните интереси и безбедноста!

„Штом почна да ечи ураганот за загрозените права на Албанците од мнозинството Македонци и за тортурата на албанското малцинство врз Македонците сѐ друго станува помалку значајно во кутра Македонија. Почнуваат репризите на битките за освојување на власта.“ – вели новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Ма каква Европа, одиме на избори!“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.



Покрај другото, натаму Ризаов пишува: Каква Европа и европски лажни вредности, какви разни белосветски емисари, кои повикуваат на разум, какви бугарски диктати и асимилации, Бугари во Уставот, уставни промени, охридски и скопски договори! Македонија има одлични изгледи по којзнае кој пат да се спаси од членство во ЕУ со одложување на неопределено време, од опасните реформи, од наездата и притисоците на Европа, на Америка, на НАТО, од домашните предавници и странски агенти и платеници и да ја сочува својата независност, суверенитет гордост и достоинство.  

Што ако националистичката игра излезе од контрола?

По изборите, власта како и досега пак ќе се дели меѓу коалициските партнери Македонци и Албанци. Политичарите ќе ја закопаат жарта на омразата под пепелта, која ќе се разгорува со леснотија во секоја наредна потреба. Но, што ако излезе од контрола целата оваа опасна националистичка игра со разгорување на меѓунационална омраза? Што ако Европа, Америка и НАТО кренат раце и сами побараат решенија, за кои ние нема да одлучуваме?

Какво значење ќе има тогаш кој бил повеќе виновен за упропастување на државата? Какво значење ќе има тоа што на будалите отпосле им текнува дека најголема заштита на националните и државни интереси и за побрзиот економски и демократски развој и внатрешната стабилност и надворешната безбедност на земјата е сојузништвото на Македонија со ЕУ и со НАТО?

Препуштање на државата на судбината, а не на сопствените рационални одлуки е пат во неизвесност. Шарлатанските партиски калкулации со блокади и со лаги дека во други околности без бугарски и европски дикатат ќе се постигнат подобри договори со соседите, од оние што се усвоени во Собранието, можат да се распаднат како меури од сапуница, ако се променат геостратегиските интереси на големите сили, кои ни велат: „Зграпчете го денот“. Но, ние со големо јунаштво и балканска итроштина им одвраќаме „кој ве шиша“.