Украина го обвини Радев дека им служи на руските интереси по изјавата дека контраофанзивата е најголема грешка

Вчерашните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев им служат на интересите на Русија, државата агресор, се вели во коментар на Фејсбук од украинската амбасада во Софија.



Говорејќи на конференцијата во понеделникот, Радев рече дека контраофанзивата на Украина била „најлошата грешка од гледна точка на стратегиска проценка“ кога тоа било „најпогодно време за преговори и барање мирно решение“.

Радев, кој за време на предизборната дебата за претседателските избори изјави дека „Крим е руски“, се спротивставува и на испраќањето оружје на Украина и повика за „дипломатско решение“.

Украинската амбасада за неговите изјави од 20 ноември соопшти дека со големо разочарување забележува дека таквите пораки не ја поддржуваат дипломатијата, туку им служат на интересите на „државата агресор“.

„Сите претходни обиди за мирно и дипломатско решение, со потпишувањето на Минските договори-1 и Минските договори-2, наместо да ја исполнат нивната главна цел, всушност ѝ дозволија на Русија да се подготви за целосна воена инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година“, соопшти украинската амбасада.

„Наместо мир и деескалација како резултат на дипломатското разбирање со терористичката држава, овој период го доживеа избувнувањето на најлошата и најразорна војна во Европа од Втората светска војна“, се вели во обрќањето. „Седењето на маса со агресор кој доаѓа со цел да ја уништи украинската државност, да изврши систематски геноцид врз украинскиот народ пред очите на цивилизираниот свет во 21. век е невозможна опција“.