Колку милиони евра ќе „лапнат“ капиталните инвестиции во 2024 година?!

Од државната каса за следната година ќе се потрошат 733 милиони евра за капитални инвестиции. Изградба на патните и железничките коридори, завршување на гасификацијата во земјава, како и изградба на локални патишта, водоводи и канализации се дел од инвестициите кои ги планира владата во следната година, објави ПлусИнфо. Најмногу пари, како што и се очекуваше, ќе одат за инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, но ќе се инвестира и во подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина.



Владата планира парите за овие проекти да ги обезбеди преку буџетот, но и преку донации, пред сè, ИПА фондови, како и поволни заеми од меѓународни финансиски институции или од билатерални кредитори.

Како и што се очекува, дел од парите кои ќе се обезбедат од буџетот и следната година ќе одат за проектирање и изградба на дел од автопатската делница Тетово-Гостивар/проширување на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани, како и делницата Прилеп – Битола. За таа цел од буџетот треба да се обезбедат 15, 1 милијарди денари (245 милиони евра).

Од следниот буџет Владата планира да го финансира и источниот патен Коридор 8 – делницата Ранковце-Крива Паланка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, но за тоа пари треба да обезбеди преку кредити. Кредити ќе се зема и за изградба на патот Кичево-Охрид и автопатот Скопје-Блаце (граница со Косово), а со кредити ќе се подобрува и патната инфраструктура на општините преку Проектот за поврзување на локални патишта, Програмата за национални патишта и Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан.

Од делот на патната инфраструктура како позначаен капитален проект кој се финансира преку ИПА 2 Програмите во периодот 2020-2024 е изградба на патна делница Градско – клучка Дреново како дел од патниот коридор 10-д.

Следната година е клучна и за почнување на постапката за изградба на патот Тетово – Призрен. Преку Јавното претпријатие за таа цел ќе се изработи урбанистички и основен проект за изградба овој пат. Колку пари за тоа ќе се потрошат од државниот буџет не се наведува.

Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на третата фаза од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 делот кон Бугарија. За оваа и втората фаза веќе има обезбедени 280 милиони евра грант средства од ЕУ. Планирано е за почне и проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Во овој дел ќе се финансира и реализацијата на проектот со кој е предвидено изградба на заеднички железнички граничен премин со Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце.

Вкупно за инвестициите во железничката инфраструктура за следната година се планирани 13,6 милиони евра од кои со кредити се обезбедуваат 1,13 милијарди денари (8,374 милиони евра), а од буџетот ќе се обезбедат 328 милиони денари или 5,333 милиони евра.

Дополнителни 18,7 милиони евра од буџетот треба да се обезбедат за гасификацијата на државава, поточно за преостанатите километри од делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.

Нема да изостане ниту поддршката на енергетските проекти за производство на струја каде што како инвеститори се јавуваат државните ЕСМ и МЕПСО и тоа: втора фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци, топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), фотонапонски електрана Осломеј, ветерен парк Миравци, рехабилитација на 6 големи ХЕЦ – фаза 3, Проект на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој опфаќа изградба на две соларни фотонапонски електрани, 10 MW Осломеј 2 и 20 MW Битола.

Како значаен проект во следниот буџет владата го издвојува и проектот ХЕЦ „Чебрен“ во кој својот дел во инвестицијата ќе го покрие со ХЕЦ Тиквеш, но подвлекува дека ако проектот биде успешен.